Омерагиќ ги седна Пандев и Милевски на иста маса: Националниот интерес пред конфликтот

December 24, 2024 | Kristijan Trajchov | Македонија

Омерагиќ ги седна Пандев и Милевски на иста маса: Националниот интерес пред конфликтот

Новиот претседател на ФФМ Масар Омерагиќ реши цврсто да се заложи за обединување на силите во македонскиот фудбал, со цел да се постигне напредок. Тој успеа на иста маса да ги седне Горан Пандев и Благоја Милевски. Омерагиќ го назначи Пандев за нов спортски директор на сите фудбалски репрезентации во Македонија, додека истовремено му ја даде довербата на актуелниот селектор, именуван од претходното раководство. Заедничкиот состанок на тројцата беше насочен кон отворена и конструктивна дискусија за актуелните теми и настани, а еден од приоритетите беше враќањето на клучни играчи како Стефан Ристовски и Аријан Адеми. „Имавме отворен и искрен разговор. Претседателот ја потврди поддршката за работата на македонската репрезентација. Со Горан се согласивме дека репрезентацијата секогаш треба да биде над сите нас. Тоа е национален интерес и секогаш ќе биде во прв план. Се надевам на добра соработка во интерес на тимот и сите кои ја поддржуваат македонската репрезентација“, рече Милевски. „Драго ми е што отворено разговаравме за тоа што може да биде подобро во иднина и дека заедно ќе се стремиме напред кон нови победи. Со претседателот Омерагиќ ни беше важно да разговараме со селекторот за сите теми. Благодарам што го разбрал она што го сметаме за правилно: како мала држава, мораме да се потпреме на сите расположливи сили, а фудбалерите со квалитет мора да помогнат во репрезентацијата, доколку тоа го заслужуваат. Верувам дека ги решивме сите прашања и се радувам на новите предизвици“, изјави Пандев.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.