March 9, 2025 | | Македонија
Вардар во последните секунди од натпреварот успеа да извлече реми на гостувањето кај Силекс (1-1) во рамките на 23. коло од ПМФЛ. Домашниот тим рано поведе преку Али Алиќ, а потоа во завршницата на првото полувреме остана со играч помалку. Иако скопскиот состав целосно доминираше во вториот дел, не успеваше да ја пробие одбраната на Силекс, сè до 95. минута, кога Азер Омерагиќ ја затресе мрежата за голем бод. Средбата започна со половина час задоцнување поради проблем со автобусот на гостите, кои пристигнаа подоцна од предвиденото. Почетокот беше мирен, но Силекс веќе во деветтата минута поведе. Додев нафрли во петерецот, голманот Талески ја испушти топката, а Алиќ реагираше најбрзо и донесе водство. Вардар се обидуваше да израмни, но добро организираната одбрана на домаќините не дозволи многу шанси. Закариќ испроба два слободни удари, но безуспешно, додека на спротивната страна Николиќ беше блиску до втор гол за Силекс. Во самиот финиш на првиот дел дојде до контроверзна ситуација. Илија Донов заработи директен црвен картон по една чудна интервенција, а кратовчани бурно протестираа кон судијата Керими. По завршувањето на полувремето, дури и полицијата мораше да интервенира за да го испрати арбитерот во соблекувалната. Вардар во второто полувреме веднаш имаше фантастична можност преку Едиз Спахиу, кој погоди само статива. По неколку обиди, младиот голман Џеков мораше да реагира на ударот со глава на Роџерс Мато, а подоцна и Маронг спречи сигурен погодок на Дијанеси. Во последните моменти од мечот, Тимовски се закани за Силекс, но Талески беше на висина на задачата. Токму кога изгледаше дека Силекс ќе слави победа, Вардар дојде до посакуваниот погодок. Пинтер нафрли во шеснаесетникот, Џеков не успеа да ја смири топката, а Омерагиќ од непосредна близина ја испрати во мрежата за конечни 1-1.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |