Омерагиќ се сретна со куп-финалистите: Ќе има ВАР и нека има фер-плеј за фудбалски празник

April 30, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Омерагиќ се сретна со куп-финалистите: Ќе има ВАР и нека има фер-плеј за фудбалски празник

Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје на 21 мај ќе биде домаќин на големото финале на Купот на Македонија, каде силите ќе ги одмерат ФК Вардар и ФК Струга Трим Лум. Во пресрет на овој натпревар, кој ветува вистински фудбалски спектакл, претседателот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Масар Омерагиќ, оствари работна средба со претставници од двата финалисти. Главна цел на средбата беше да се обезбеди максимална координација и беспрекорна организација на настанот, кој треба да биде празник за македонскиот фудбал. Фокусот беше ставен и на фер-плејот и меѓусебното почитување, дух кој федерацијата и клубовите заеднички сакаат да го промовираат. На состанокот присуствуваа и членови од Судискиот одбор, а едно од најважните новини ќе биде користењето на ВАР технологијата на самиот натпревар. Овој напреден систем за видео анализа е резултат на иницијативата на претседателот Омерагиќ и соработката со федерации од регионот, со цел подигнување на транспарентноста и довербата во судиските одлуки. Финалето ќе биде пренесувано во живо, а ФФМ истакна дека ќе вложи максимални напори натпреварот да помине во највисок ред, во интерес на клубовите, навивачите и целокупниот имиџ на македонскиот фудбал.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.