Општина Кавадарци повторно го презеде Тиквеш – најавена реконструкција на стадионот

September 30, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Општина Кавадарци повторно го презеде Тиквеш – најавена реконструкција на стадионот

Македонскиот прволигаш Тиквеш повторно е целосно под сопственост на Општина Кавадарци, откако германскиот Турчин Осман Таш се повлече од клубот, оставајќи по себе финансиски проблеми и незадоволство во тимот. Градоначалникот Митко Јанчев најави дека клубот нема да биде оставен на милост и немилост, туку напротив – веќе се работи на реконструкција на теренот на градскиот стадион. „Откако ГФК Тиквеш повторно е во целосна сопственост на Општина Кавадарци, се работи со полна пареа. Во тек е реконструкција на теренот на стадионот ‘Тиквеш’. Нашите фудбалери заслужуваат најдобри услови за тренинг и натпревари“, истакна Јанчев. Таш на почетокот на сезоната дојде со големи најави дека клубот ќе стане стабилен прволигаш и редовен европски учесник, но приказната се распадна – долговите се зголемуваа, а довербата исчезна. Откако не ги исполни барањата на општината за стабилизација на финансиската состојба, тој си замина. Сега, локалната самоуправа ја презема одговорноста и ветува стабилизација на состојбата во клубот. На теренот, Тиквеш по осум одиграни кола има само осум освоени бодови и ја дели осмата позиција со Арсими.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.