Победа на раб на колапс: Без пари, под закана од четврта лига

August 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Победа на раб на колапс: Без пари, под закана од четврта лига

ФК Победа, се наоѓа во исклучително тешка и неизвесна состојба во пресрет на новата сезона. Иако клубот неодамна доби нова раководна структура и мнозински сопственик на акциите, финансиската реалност е сурова – пари за сигурен почеток на сезоната сè уште нема. Досегашниот генерален секретар на Победа, Филип Илиоски, е именуван за нов извршен директор, додека Владимир Мирчевски станува нов мнозински акционер, преземајќи 70% од акциите кои во наредните денови треба официјално да ги добие од претходните сопственици. Останатите 30% се во сопственост на Гоце Ингилизов (20%) и Благоја Гешоски (10%). Клубот чека да им бидат префрлени еден милион денари од општинскиот буџет, сума која Советот на Општина Прилеп ја изгласа како поддршка за функционирање на клубот. Сепак, поради распишаните локални избори, не е сигурно дали овие средства навремено ќе бидат исплатени. Новото раководство алармира дека без овие пари, Победа нема да може да ја започне сезоната, а во случај тимот да не настапи на три последователни натпревари, автоматски ќе биде префрлен во четвртата лига. Дури и со обезбедувањето на овие средства, клубот ќе има финансиска стабилност за најмногу два месеци. Ситуацијата ја отежнува и фактот што Победа има долг кон УЈП од 5,5 милиони денари, а приближно исто толку должи и на други доверители. Засега доверителите излегуваат во пресрет и не ги бараат веднаш средствата, но јасно е дека на долг рок, овој товар ќе мора да се сервисира. Од раководството се надеваат дека до крајот на преодниот рок ќе успеат да формираат конкурентен тим кој ќе се бори за опстанок во Втората лига. Сепак, се признава дека моменталната состојба во клубот е далеку од розова, а дури и стартот на сезоната е неизвесен.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.