Полиција упадна на повеќе локации во Гевгелија поради сомнеж за местење натпревар

August 15, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Полиција упадна на повеќе локации во Гевгелија поради сомнеж за местење натпревар

Според неофицијални информации, на повеќе локации во Гевгелија е спроведена координирана полициска акција, поврзана со спорниот натпревар од финишот на минатата сезона во Втората македонска фудбалска лига меѓу Кожуф и Башкими. Случајот веќе подолго време е предмет на истрага во Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), Европската фудбалска унија (УЕФА) и Министерството за внатрешни работи, поради сериозни сомнежи за местење на спортски резултат. Според истите извори, Јавното обвинителство издало наредби за претрес на неколку објекти и домови со цел прибирање на материјални докази. Под лупа на истражителите се седум лица – меѓу кои има активни фудбалери, тренер и претставници на раководствата на двата клуба. „Се работи за сложена истрага која опфаќа анализи на финансиски трансакции, комуникација меѓу осомничените и други релевантни докази“, велат извори блиски до истрагата. По завршувањето на прибирањето материјални докази, тие ќе бидат обработени и презентирани во рамки на официјалната истрага, со цел конечно да се утврди дали навистина имало местење на резултатот и кој ќе ја сноси одговорноста. Ако се потврдат сомнежите, казните би можеле да бидат драстични – од долги суспензии и парични глоби, до исклучување на клубовите од натпреварувањата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.