April 30, 2025 | | Македонија
Тажна вест од Прилеп. Николче Здравески, еден од најголемите симболи на ФК Победа и еден од најпрепознатливите фудбалски ликови во историјата на прилепскиот спорт, почина на 54-годишна возраст. Веста за неговата смрт остави длабока празнина меѓу роднини, пријатели, навивачи, соиграчи и бројни спортски работници кои со тага се простуваат од човекот кој остави неизбришлива трага на теренот и надвор од него. Здравески беше дел од златната генерација на „црвено-белите“, генерација што го одбележа крајот на минатиот и почетокот на новиот милениум. Неговите настапи во дресот на Победа, особено двомечите против италијанските гиганти Перуџа (1999) и Парма (2000), остануваат запаметени како моменти на гордост за македонскиот фудбал. Во 2002 година, Здравески го освои Купот на Македонија како играч, а само две години подоцна, во 2004, беше прогласен за најдобар спортист на Прилеп во сезоната кога Победа ја освои својата прва историска титула во Првата македонска фудбалска лига. Неговата фудбалска приказна продолжи и од клупата. Како тренер во сезоната 2006/07, Здравески ја предводеше Победа до втора шампионска круна и настап во финалето на националниот куп. За оваа историска сезона, беше заслужено прогласен за најдобар тренер во државата. Николче Здравески беше и репрезентативец каде настапи двапати во дресот на Македонија, во пријателски натпревари против Албанија и Азербејџан. Прилеп и Македонија загубија фудбалска легенда, човек кој живееше и дишеше фудбал. Споменот за неговата страст, пожртвуваност и успех ќе остане засекогаш врежан во срцата на навивачите. Почивај во мир, легендо.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |