Седлоски: Нека ме критикуваат мене, а ние ќе продолжиме со подмладувањето!

October 2, 2026 | Kristijan Trajchov | Македонија

Седлоски: Нека ме критикуваат мене, а ние ќе продолжиме со подмладувањето!

Селекторот  Гоце Седлоски, одржа прес-конференција пред домашниот натпревар против Шкотска во третото коло од Лигата на нации. Седлоски истакна дека резултатите од првите два натпревари не се добри, но порача дека процесот на подмладување ќе продолжи. „Барди останува капитен на екипата и во иднина. Првпат слушам таква информација. На овие момци што се тука им треба поддршка. Ја подмладивме репрезентацијата и уште ќе подмладувам. Критиките нека одат кај мене“, изјави Седлоски. Селекторот додаде дека создавањето нова генерација бара време и дека нема да отстапи од планираниот процес. „Сакаме да создадеме нови играчи. На тој процес останувам до крај. Не може сè да се случи преку ноќ“, порача тој. Говорејќи за Шкотска, Седлоски предупреди дека Македонија мора да го наметне својот стил. „Шкотска игра со долги топки и често бара решение во шеснаесетникот. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку да ја неутрализираме со наша реакција. Нивниот стил ако го прифатиме, би било кобно“, истакна селекторот. Натпреварот Македонија – Шкотска се игра во сабота од 20:45 часот на Арената „Тодор Проески“ во Скопје. Главен судија ќе биде Франсоа Летексије од Франција.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.