November 16, 2026 | | Македонија
Македонија со нов пораз ја заврши дебитантската авантура во Б-лигата на Лигата на нациите. На арената „Тодор Проески“ во Скопје, нашата репрезентација повторно беше надиграна од Словенија, која славеше убедливо со 0-3. По уште едно разочарување пред домашната публика, селекторот Гоце Седлоски застана пред медиумите и упати извинување до навивачите за резултатите во овој циклус. Македонија не успеа да забележи ниту една победа, а постигна само еден гол. „Како прво, морам да се извинам во мое име и во име на играчите за овие натпревари во Лигата на нациите кои ги одигравме без победа и со еден постигнат гол. Денешниот меч со Словенија, не знам што се случува, играме дома, без желба и без мотив. Примаме голови на наши грешки, после оној меч во Шкотска, мислев дека малку ќе се дигнеме, но наместо да го направиме тоа бевме лоши. Им честитам на Словенците за победата, во тешка ситуација сме сите заедно, јас не сум очекувал такво нешто, исто и играчите. Десет меча немаме победа и мора да се кренеме, да работиме за понатаму, за да дојдат тие победи. Уште ни се топли главите, ќе размислиме за понатаму како и што, со работа и анализи, сите фудбалски работи што треба да се прават, да дојдеме до посакуваните победи. Знаеме дека имаме бараж за опстанок во Б-лигата и со какви екипи играме. Ја чекаме ждрепката и се надевам дека ќе имаме добро издание на тие натпревари. Уште еднаш, тешко е, не сум очекувал ниту јас ниту играчите толку порази, но мора да се кренеме“, изјави Седлоски. Македонија сè уште не ја загуби можноста за опстанок во Б-лигата. Нашата селекција ќе има уште една шанса преку баражот, кој е предвиден за крајот на март следната година. Пред Седлоски и неговите избраници претстои сериозна работа, бидејќи по овој неуспешен циклус неопходна е реакција и подобро издание кога ќе биде најважно.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |