Шкендија доби казна од пет натпревари без публика

April 5, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Шкендија доби казна од пет натпревари без публика

Дисциплинската комисија при Фудбалската федерација на Македонија изрече сериозни санкции за ФК Шкендија по инцидентите на натпреварот против ФК Брера, одигран во рамки на 25. коло од Првата македонска фудбалска лига. Клубот од Тетово ќе мора да ги одигра наредните пет домашни натпревари без присуство на публика, како резултат на недолично однесување на навивачите, вклучително и непочитување на минутата молк пред почетокот на мечот. Покрај тоа, Шкендија е финансиски казнета со 5.000 евра поради лоша организација на натпреварот. Комисијата донесе и одлука за шестмесечна суспензија на делегатот Гоце Шоповски од Струга, кој не постапил согласно организациските протоколи и не реагирал соодветно на инцидентите на трибините. Според наодите, тој не иницирал испразнување на трибината, што е предвидено со правилниците во слични ситуации. Дополнително, Шкендија доби и парична казна од 1.000 евра поради попречување на работата на официјален снимател за време на натпреварот. „ФФМ во вакви или слични случаи нема да биде толерантна кон ниту еден клуб и очекува максимална одговорност од сите клубови и официјални лица. Делегатите на натпреварите имаат јасно пропишани протоколи и сите потребни инструменти за делување во вакви ситуации. ФФМ им дава целосна поддршка во нивната примена и одлучност при постапувањето. Расистичко, националистичко или било каков облик на дискриминаторско навивање нема да се толерира и ќе биде строго санкционирано согласно важечките регулативи“, стои во соопштението на Куќата на фудбалот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.