Шкупи: Ќе ги тужиме струмичани, за стадионот нѐ изиграа!

August 17, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Шкупи: Ќе ги тужиме струмичани, за стадионот нѐ изиграа!

Поранешниот шампион на Македонија, Шкупи, од почетокот на сезоната се најде во вистинска бура од проблеми што го ставија клубот во фокусот на домашната спортска јавност. Она што требаше да биде уште една конкурентна сезона, се претвори во хаотична приказна полна со скандали, неизвесност и административни битки. Прво, клубот се соочи со жестоки обвинувања од сопствените навивачи, кои тврдеа дека сопственикот на тимот бил вмешан во местење натпревари – обвинување што предизвика сериозни потреси во односите меѓу управата и публиката. Потоа, дополнителен удар беше нанесен кога Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) донесе одлука да им забрани настапи на стадионот во Чаир сè додека не биде инсталиран ВАР системот. Како последица на тоа, Шкупи беше принуден да настапува во многу нетипични услови – дури и да излезе со младински состав против големиот ривал Шкендија, а вчера клубот официјално го загуби со службен резултат (0-3) дуелот против Силекс, бидејќи навреме не обезбеди терен за одигрување на мечот. Во обид да се оправда, претседателот на клубот Јасин Конјали излезе со свое видување на ситуацијата, обвинувајќи го сопственикот на стадионот во Струмица. „Имавме договор и писмена дозвола да го користиме стадионот во Струмица. ФФМ дури го потврди натпреварот во системот. Но, сопственикот на стадионот во последен момент ја откажа дозволата, со што нè стави во незавидна ситуација“, изјави Конјали, најавувајќи и судска постапка против одговорните. Тој дополни дека клубот веќе е во процес на инсталирање на ВАР системот на стадионот во Чаир и изрази надеж дека следниот натпревар ќе го одиграат на својот домaшен терен. Претседателот воедно се пожали на недостаток на солидарност од останатите македонски клубови. „Никој не ни излезе во пресрет во овие тешки моменти. А ние речиси половина година работиме на имплементацијата на системот за да ја започнеме сезоната нормално.“ На крајот, Конјали упати и политичка порака. „Ги повикувам политичките партии да ги тргнат рацете од Шкупи и да ја водат својата кампања на друго место.“ Со ваквите изјави и турбуленции, јасно е дека пред Шкупи претстои многу тежок период, а прашањето дали клубот ќе успее да ја стабилизира состојбата останува отворено.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.