„Шверцери“ со жестоки обвинувања: Шкупи е злоупотребен за местење натпревари и личен профит

August 1, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

„Шверцери“ со жестоки обвинувања: Шкупи е злоупотребен за местење натпревари и личен профит

Навивачката група „Шверцери“ излезе со контроверзно соопштение во кое ги обвини поранешни и сегашни функционери на Шкупи за местење натпревари и злоупотреба на клубот за личен профит преку обложување. Според нив, и покрај поддршката што ја давале преку спонзорства и организација, турските претставници во клубот го користеле Шкупи за сопствени интереси, без почит кон навивачите и градот. „Имаме податоци дека неколку натпревари минатата сезона биле наместени со цел да се земат пари од обложување. Тоа не само што е срамно, туку е и кривично дело“, стои во соопштението. Навивачите дополнително тврдат дека и новоименуваниот директор на клубот продолжува со истите практики, наведувајќи дека пријателската средба со Арсими била откажана откако добиле информации дека и тој натпревар требало да биде местен. Особено алармираат дека денешното заминување на тимот во Турција е поврзано со организирање нова сомнителна пријателска средба, и бараат реакција од институциите. „Ја повикуваме државата и сите надлежни органи веднаш да го спречат овој срам. Ќе направиме сѐ што е во наша моќ Шкупи да не одигра ниту еден натпревар, бидејќи секој носи ризик од ново местење“, велат од групата. На крајот, „Шверцери“ апелираат до сите љубители на спортот да се приклучат во борбата. „Ова не е само битка за клубот, туку и за иднината на младите генерации. Ова ќе биде тешка битка, но ќе ја добиеме – за доброто на децата во овој град.“

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.