Стадионот во Битола „Петар Милошевски“ ќе биде домаќин на квалификациски меч со Италија

August 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Стадионот во Битола „Петар Милошевски“ ќе биде домаќин на квалификациски меч со Италија

Стадионот „Петар Милошевски“ во Битола доби официјална потврда од УЕФА дека на 9 септември ќе биде домаќин на еден од највозбудливите натпревари за младата македонска репрезентација до 21 година – квалификацискиот дуел против Италија за пласман на Европското првенство. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) заедно со Општина Битола реализираа сериозна инвестиција во висина од околу 150.000 евра за модернизација и унапредување на условите на овој спортски објект. За само 40-на дена, стадионот доби сосема нов изглед и инфраструктурни подобрувања што ги исполнуваат строгите европски стандарди. Со овие вложувања, „Петар Милошевски“ повторно блеска како стадион достоен за натпревари од највисок ранг, што претставува голем чекор напред за фудбалот во Битола и Пелагонискиот регион. Првиот човек на ФФМ, Масар Омерагиќ, не ја криеше својата гордост од успешната реализација: „Успехот во Битола е пример за сите. Благодарение на посветената работа со градоначалникот Коњановски и неговиот тим, за кратко време го доведовме стадионот до нови стандарди, што УЕФА и официјално го потврди. Ова е доказ дека кога сите работат заедно – резултатите се видливи. Следно ни претстои поддршка за реконструкцијата на градскиот стадион во Тетово, со што продолжуваме да ја спроведуваме нашата стратегија за подобрување на инфраструктурата низ целата држава.“ За љубителите на фудбалот, ова е двојна добивка – Битола повторно ќе биде центар на вниманието на македонскиот спорт, а младата селекција ќе добие мотив повеќе пред полни трибини во битката за голем фудбалски сон – пласман на Европско првенство.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.