Вардар моќно ја стартува сезоната – убедлива победа над Пелистер (ВИДЕО)

August 8, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Вардар моќно ја стартува сезоната – убедлива победа над Пелистер (ВИДЕО)

Вардар со стил ја отвори новата сезона во Првата македонска фудбалска лига, совладувајќи го Пелистер со убедливи 4-1 во вечното дерби. Херој на натпреварот беше младиот Димитар Данев, кој постигна два погодоци и блескаше на теренот. Црвено-црните уште од првиот свиреж ја презедоа иницијативата, но вистинската закана дојде дури во 18. минута, кога Азер Омерагиќ мајсторски ја прими топката на гради, но упати удар право во рацете на голманот Јовчевски. Неколку минути подоцна Мато се обиде од далечина, но без успех. Пелистер возврати во 27. минута преку Ристиќ, кој излезе сам пред Талески, но голманот на Вардар излезе како победник. Во 42. минута Ивановски шутираше крај голот. Кога се чинеше дека полувремето ќе заврши без голови, Омерагиќ одлично асистираше до Данев, кој прецизно погоди за 1-0. Вториот дел започна фуриозно за Вардар. Во 50. минута, по додавање на Закариќ, Мато со прекрасен удар ја зголеми предноста на 2-0. Пелистер успеа да се врати во 66. минута преку Булатовиќ, кој намали на 2-1. Сепак, младата ѕвезда Димитар Данев повторно ја зема сцената во свои раце – во 80. минута со уште поубав погодок ја врати двојната предност на Вардар. Крајниот удар го зададе Диего Кастенада во судиското продолжение, поставувајќи го конечниот резултат 4-1. На трибините, атмосферата ја разгореја Комити, кои на западната трибина ја прославија годишнината на подгрупата Лојал Фанс. Фото: Спорт1

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.