Вардар се сопна во Раденци – Олимпија го донесе првиот пораз во подготовките

June 21, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Вардар се сопна во Раденци – Олимпија го донесе првиот пораз во подготовките

По успешниот старт на летните подготовки и триумфот над Будуќност, фудбалерите на Вардар денеска го запишаа првиот пораз. Во пријателскиот натпревар одигран во словенечки Раденци, „црвено-црните“ загубија со 2-0 од актуелниот првак на Словенија – Олимпија Љубљана. Избраниците на Гоце Седлоски имаа квалитетен тест против реномиран противник. Првото полувреме понуди борбен фудбал без погодоци, со по неколку обиди на двете страни, но мрежите мируваа. Резултатот беше отворен во 65. минута преку Португалецот Диего Пинто, кој ја казни невнимателноста во одбраната на Вардар. Во 79. минута Алекс Стам го удвои водството на Олимпија, користејќи ја длабочината во вардаровата половина. Македонскиот вицешампион се обиде да се врати во мечот, но шансите останаа неискористени. Седлоски во вториот дел направи ротации, им даде минутажа на речиси сите играчи, што донесе пад во темпото и стабилноста на тимот. Интересно, новото засилување на Олимпија, македонскиот репрезентативец Димитар Митровски, не настапи против својот поранешен клуб. Тој ќе им се приклучи на новите соиграчи од утре. Вардар го закажува следниот контролен меч за 24 јуни, кога ќе се соочи со уште еден словенечки прволигаш – Марибор. Подготовките во Раденци ќе траат до 3 јули, по што тимот се враќа во Скопје каде ќе ги насочи сите сили кон првиот европски предизвик – квалификацискиот дуел од Конференциската лига против Фиорита на 10 јули.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.