Вардар се засили со двајца репрезентативци од Уганда

August 26, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Вардар се засили со двајца репрезентативци од Уганда

Вардар доби ново интернационално засилување во своите редови – во Скопје пристигнаа напаѓачот Фахад Азиз Бајо и дефанзивецот Муса Раматан, двајцата репрезентативци на Уганда. Откако ги добија потребните работни визи, тие ќе бидат на располагање на тренерот Гоце Седлоски за следните натпревари во Првата македонска фудбалска лига. Бајо има 27 години и настапува како централен напаѓач, но може да покрие и офанзивни позиции во средниот ред или на крилата. Висок е 185 сантиметри и зад себе има европско искуство – во минатото го носеше дресот на чешки Вишков. Воедно, Бајо е и стандарден репрезентативец на Уганда, за која има одиграно 22 натпревари и постигнато осум голови. Второто засилување е 23-годишниот стопер Муса Раматан, кој исто така доаѓа од Уганда. Тој е дел од националниот тим со еден официјален настап за сениорската селекција, а настапувал и за младинските категории. Двајцата фудбалери доаѓаат од етиопскиот клуб Волвало Адиграт Универзитет и ќе се обидат да донесат нова енергија во таборот на „црвено-црните“.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.