March 3, 2025 | | Македонија
Раководството на најтрофејниот македонски фудбалски клуб Вардар соопшти дека е подигната блокадата од три милиони евра поставена од Управата за јавни приходи (УЈП), како и блокадата од 200.000 евра од страна на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор. Управата на „црвено-црните“ информира дека работи на деблокада на сметката на скопскиот гигант и дека долговите направени во изминатата деценија ќе бидат расчистени во рок од пет месеци. Исто така, беше објавено дека сите доверители, без разлика дали се приватни лица или стопански субјекти, ќе бидат јавно наведени со целосно име и износот на побарувањата, за да има целосна транспарентност пред јавноста. „АД ФК Вардар од Скопје на овој начин ја информира заинтересираната спортска и општествена јавност дека продолжува со интензивна деблокада на сметката на клубот. Во овој момент подигната е блокадата во вредност од три милиони евра (3.000.000 евра) што беше поставена од УЈП, и подигната е блокадата од двесте илјади евра (200.000 евра) што беше поставена од АД за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Штетата и долговите што намерно или од незнаење ги имаат направено предходните управи, а немале капацитет, знаење и желба да го одглават клубот од ова финансиско ропство, актуелното раководство го решава во исклучително краток рок. Долговите правени цела една декада, ќе бидат расчистени за период од 5 месеци од комплетното новото формално-правно менаџирање со Акционерското друштво.Сите доверители, приватни лица или стопански субјекти, на кои ќе им бидат подмирени блокадите во целост, на веб страната на АД ФК Вардар ќе бидат поименично објавени со полно име и комплетна сума, за да може јавноста и навивачите да имаат јасна и прецизна слика за побарувачите и сумите. Во меѓувреме сите тековни трошоци на клубот од летоска наваму се навремено и стонастотно исплатени“, соопштија од тимот на Вардар. Вардар се наоѓа на 10. позиција во Првата лига со 17 бодови и ќе води голема борба за опстанок во македонската елита.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 16, 2024 |