Второлигаш своите домашни натпревари ќе ги игра под рефлектори!

August 25, 2025 | Kristijan Trajchov | Македонија

Второлигаш своите домашни натпревари ќе ги игра под рефлектори!

Иако станува збор за второлигаш, струмичката Беласица најави нешто што многу прволигаши во Македонија сè уште не можат да си го дозволат – домашните натпревари да ги игра во вечерен термин, под светлината на рефлекторите. Од клубот потврдија дека почнувајќи од второто коло, кога во Струмица ќе гостува екипата на Скопје, сите домашни средби ќе започнуваат во 19:30 часот. Првиот меч под рефлектори е закажан за недела, 31 август 2025 година. „Натпреварот против Скопје ќе се одигра во вечерен термин, под рефлектори. Исто така и сите останати домашни натпревари, се додека временските услови го дозволуваат тоа, ќе бидат закажувани во истиот термин. Ги каниме сите љубители на фудбалот од Струмица и околината да дојдат и да ја почувствуваат вистинската вечерна фудбалска атмосфера, која ретко може да се види на нашите терени“, соопштија од клубот. Беласица најави и симболична цена на влезниците – 100 денари, со цел да се привлече што поголема публика и да се создаде празнична атмосфера на трибините. Со оваа иницијатива, струмичкиот клуб станува вистински пример за тоа како може да се внесе свежина во македонскиот фудбал и да се овозможи поголемо уживање и за фудбалерите и за навивачите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.