Ако Винисиус заигра во С. Арабија, Реал ќе тргне по ѕвездата на Премиер лигата

April 14, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Ако Винисиус заигра во С. Арабија, Реал ќе тргне по ѕвездата на Премиер лигата

Иако Винисиус секогаш јавно изјавува дека неговата иднина е во Реал Мадрид, зад кулисите се водат сериозни разговори кои би можеле да донесат сосема поинаков развој на настаните. Бразилецот е во контакт со претставници од Саудиска Арабија уште од 2023 година, при што на средбите присуствувале и неговите агенти, како и членови од саудиската кралска куќа. На една од средбите, потпретседателот на саудиската лига, Саад ал-Лазеез, понудил вистинско богатство: 1 милијарда евра за петгодишен договор, или 200 милиони по сезона. Според шпанската „Марка“, понудата е не само финансиски примамлива, туку и стратегиски поставена каде Винисиус би имал важна улога како амбасадор за Светското првенство кое ќе се одржи во Саудиска Арабија во 2034 година. Флоријан Плетенберг од „Sky Sports“ тврди дека, доколку се случи трансферот, Реал Мадрид веднаш ќе тргне по замена и тоа не било кој, туку Ерлинг Халанд, кој е замислен како идеално решение во нападот. Иако сè уште не е прецизирано во кој клуб би преминал Винисиус ако се пресели во Саудиска Арабија, јасно е дека се работи за понуда што тешко се одбива и поради парите, но и поради визијата што му е понудена. Разговорите досега биле темелни и долготрајни, а Бразилецот бил опкружен со цел тим луѓе кои се грижат за неговата кариера. Саудијците вложуваат огромни напори да го убедат дека таму го очекува не само финансиска иднина, туку и голема фудбалска и глобална улога.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.