Алисон: Нас никој ништо не нѐ прашува, но не сме глупави

September 17, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Алисон: Нас никој ништо не нѐ прашува, но не сме глупави

Продолжуваат јавните протести на фудбалерите особено во Премиер лигата, кои зборуваат за густиот распоред и за огромниот број на натпревари. За тој проблем зборуваше и голманот на Ливерпул, Алисон Бекер. Конкретно, сезонава во Лигата на шампионите вкупно ќе се одиграат 189 натпревари наместо досегашните 125 каде со новиот лигашки формат, фудбалерите ќе одиграат осум наместо шест натпревари во првата фаза од натпреварувањето. „За навивачите тоа е неверојатно. Повеќе натпревари, повеќе големи натпревари. За нас играчите секогаш е добра идеја да се додадат некои натпревари во распоредот кој не е зафатен… Малку сум ироничен! Никој не нѐ прашува нас играчите што мислиме за додавањето повеќе натпревари, па можеби нашето мислење и не е важно. Но, сите знаат што мислиме за тоа. Сите сме уморни од тоа. Ова не е прашање на кое само јас треба да одговорам. Потребно е да седнеме заедно и да ги слушнеме сите страни бидејќи разбираме дека постојат медиуми и телевизија, страната на УЕФА и ФИФА, Премиер лига, домашни натпреварувања. Не сме глупави. Разбираме дека луѓето сакаат повеќе натпревари. Но, разумно би било сите, вклучувајќи ги играчите, да се состанат и да се слушнат еден со друг. Многу играчи веќе зборуваа за тоа. Само треба да нè слушнат“, рече Алисон.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.