Аморим по поразот: Подобриот тим победи, ние бевме изгубени на теренот

August 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Аморим по поразот: Подобриот тим победи, ние бевме изгубени на теренот

Манчестер Јунајтед доживеа срам во Лига Купот и беше елиминиран од четвртолигашот Гримсби, кој славеше по изведување на пенали. Иако „црвените ѓаволи“ успеаја да се вратат од негатива од два гола и да израмнат, во клучните моменти недостигаше квалитет и концентрација. По натпреварот, менаџерот Рубен Аморим не ги штедеше своите фудбалери и отворено призна дека противникот заслужено извојувал победа. „На крајот, нема никакво значење што успеавме да израмниме. Во текот на целиот натпревар сигналите не беа позитивни. Сметам дека подобриот тим победи, единствениот тим што навистина беше на теренот… Играта на моите фудбалери зборува доволно, тоа е тоа. Ние загубивме, а подобриот тим победи“, изјави Аморим. Португалецот дополнително објасни дека Јунајтед влегол без вистински пристап и енергија. „Мислам дека е сосема јасно. Треба да гледаме напред и да го заборавиме овој ден. Верувам дека сите видоа што се случи. Го почнавме натпреварот без никаков интензитет во играта. Идејата беше да извршиме пресинг, а ние бевме целосно изгубени на теренот. Тоа зборува доволно“, додаде тренерот. Со овој пораз кризата на „Олд Трафорд“ добива нова димензија – навивачите се незадоволни, а резултатите продолжуваат да ја влошуваат атмосферата во клубот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.