May 20, 2025 | | Свет
Манчестер Јунајтед утре ќе се обиде да ја спаси сезоната во финалето од Лигата на Европа против Тотенхем, кое ќе се одигра на стадионот „Сан Мамеш“ во Билбао. По осум години, „црвените ѓаволи“ повторно имаат шанса да се закитат со европски трофеј, но притисокот е голем – клубот бележи историски лоша сезона во Премиер лигата и моментално се наоѓа на 16. место на табелата. Иако беше дочекан со големи очекувања, менаџерот Рубен Аморим сè уште се обидува да ја наметне својата визија. На денешната прес-конференција, португалскиот стратег истакна дека иако победата во финалето нема да биде доволна за целосно спасување на сезоната, таа може да донесе нова перспектива за иднината на клубот. „Трофејот од Лига Европа не може да ни ја спаси сезоната, но може да ни ја подобри иднината. За да ги задржиме играчите мора да играме во Лигата на шампионите. Манчестер Јунајтед е голем бренд и местото му е во елитата“, изјави Аморим. Тој додаде дека тимот е подготвен, со исклучок на Матијс де Лихт, кој ќе го пропушти финалето. Останатите фудбалери се во конкуренција за стартната постава, а стручниот штаб максимално се фокусирал на подготвителниот период. „Против Атлетик Билбао игравме максимално, а потоа штедевме и одмаравме фудбалери за ова финале. Добро е што имавме доволно време за подготовка. Против Челси покажавме дека сме спремни, особено кога сме фокусирани“, додаде тој. Јунајтед веќе двапати загуби од Тотенхем оваа сезона, што дополнително ја засилува мотивацијата за реванш и триумф. „Мојата концентрација е како да бидеме подобри од претходните два натпревари со Тотенхем. Не размислувам за пенали, сакам победа во регуларниот тек“, категоричен беше Аморим. Последниот трофеј во Лигата на Европа Јунајтед го освои во 2017 година под водство на Жозе Мурињо, кога во финалето го совлада Ајакс со 2-0. Од тогашниот состав, единствен кој остана во клубот е Лук Шо.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |