Анчелоти: Имам тренирано 34 Бразилци, проблем имав само со еден

May 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Анчелоти: Имам тренирано 34 Бразилци, проблем имав само со еден

Карло Анчелоти и официјално ја започна својата авантура како селектор на фудбалската репрезентација на Бразил, а во своето прво интервју откри интересни детали за досегашната соработка со бразилските фудбалери во кариерата. Италијанскиот стратег, кој водеше некои од најголемите светски клубови, посебно се осврна на „Феноменот“ Роналдо, кого го оцени како најдобриот Бразилец со кој работел. „Роналдо е најдобриот Бразилец кој сум го тренирал. Имаше спектакуларна техника, а беше и еден од најсмешните луѓе во светот“, изјави Анчелоти. Тој потенцира дека најголем професионалец од Бразил бил легендарниот дефанзивец Кафу, а како највесели фудбалери ги издвојува Милитао и Винисиус Жуниор. За Вини рече: „Тоа е многу скромно момче, навистина прекрасен карактер“. Анчелоти, кој во кариерата досега работел со вкупно 34 Бразилци, додаде и малку мистерија: „Мислам дека со ниту еден не сум имал проблем... Добро, ајде, со еден имав, но нема да ви го кажам името“. Тој веќе ја одржа првата прозивка како селектор на „селесао“, а неговата мисија е јасна – враќање на Бразил на врвот на светскиот фудбал.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.