Арсенал го договори првото големо засилување

May 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Арсенал го договори првото големо засилување

Арсенал не губи време. Само неколку дена по елиминацијата од Пари Сен Жермен во полуфиналето на Лигата на шампионите, лондонскиот клуб веќе го реализираше првото големо засилување за летниот преоден рок. Ново име на „Емирати“ е Мартин Зубименди, врвен играч од средниот ред на Реал Сосиедад. Иако за него сериозен интерес покажуваше и Реал Мадрид, Арсенал реагираше најбрзо и директно ја активираше откупната клаузула вредна 60 милиони евра и го обезбеди неговиот потпис. Баскијскиот клуб не можеше да го спречи трансферот, а самиот Зубименди ја прифати понудата со цел да направи значаен чекор напред во кариерата. Како што објави реномираниот трансфер-инсајдер Фабрицио Романо, остануваат само формалности кои ќе бидат завршени во наредните денови. По минатогодишното одбивање на понудите од Ливерпул и Манчестер Сити, Зубименди сега одлучи да се пресели на Островот и да ја прифати новата фудбалска авантура. Со оваа аквизиција, „топчиите“ го прават првиот голем потег на трансфер-пазарот ова лето. Зубименди се етаблира како еден од најквалитетните играчи за врска во Европа, а како европски шампион со репрезентацијата на Шпанија, неговото искуство и форма ќе бидат од огромно значење за Арсенал. Сега сè е во рацете на Микел Артета да го реши прашањето на напаѓачката позиција и да го направи последниот потег што може да го донесе Арсенал до титулите во Премиер лигата и Лигата на шампионите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.