Арсенал подготвува официјална понуда за Виктор Ѓокереш

April 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Арсенал подготвува официјална понуда за Виктор Ѓокереш

Арсенал е подготвен да направи сериозен чекор за ангажман на Виктор Ѓокереш, напаѓачот на Спортинг Лисабон, и веќе работи на официјална понуда што би била испратена пред крајот на сезоната, пренесува португалскиот весник „А’ Бола“. Интересот на лондонскиот клуб не е нов. „Топчиите“ подолг период го следат шведскиот голгетер, кој сезонава блеска со 44 погодоци на 44 натпревари. Иако на радарот се и други имиња како Мартин Зубименди од Реал Сосиедад и Нико Вилијамс од Атлетик Билбао, Ѓокереш е еден од приоритетите на Арсенал за летниот преоден рок. Британскиот „Сан“ објави дека клубот од северен Лондон располага со буџет од 234 милиони евра за тројца нови играчи, а Ѓокереш се гледа како поекономична, но исклучително ефикасна алтернатива на Александер Исак од Њукасл. Иако е поевтин, трансферот на шведскиот напаѓач сепак нема да биде евтин. Во Лисабон очекуваат понудата да достигне најмалку 70 милиони евра, со можност да се доближи до откупната клаузула од 100 милиони. Интересно е што и самиот Ѓокереш го гледа Арсенал како една од своите омилени дестинации. Покрај „топчиите“, тој би се преселил и во Манчестер Сити или Ливерпул, ако добие соодветна понуда. Од 2023 година, кога пристигна од Ковентри за 20 милиони евра плус бонуси, Ѓокереш одигра 94 натпревари и постигна вкупно 87 голови за Спортинг.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.