Ашраф Хакими може да заврши 15 години во затвор поради силување

August 2, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Ашраф Хакими може да заврши 15 години во затвор поради силување

Француското обвинителство побара фудбалерот на Париз Сен Жермен Ашраф Хакими, да биде изведен на суд поради наводно силување на 24-годишна жена во 2023 година – обвинувања кои тој целосно ги негира. Од канцеларијата на обвинителството во Нантер за агенцијата АФП изјавија дека поднеле барање до истражниот судија случајот да биде упатен пред кривичен суд. „Сега е на истражниот судија да донесе одлука во рамките на неговата надлежност“, стои во соопштението. Хакими, кој има 26 години, беше клучен дел од тимот на ПСЖ кој сезонава ја освои својата прва титула во Лигата на шампионите, постигнувајќи го и првиот гол во финалето против Интер (5-0). Обвинението датира од март 2023 година, кога жена пријавила дека на 25 февруари била нападната во домот на Хакими во париското предградие Булоњ-Бијанкур, додека неговата сопруга и децата биле на одмор. Таа во полиција изјавила дека го запознала фудбалерот преку Инстаграм, дека истиот ѝ платил такси до неговиот дом и дека таму започнал со сексуални дејствија без нејзина согласност, по што наводно ја силувал. Иако жената првично одбила да поднесе формална тужба, обвинителството сепак покрена обвинение. Адвокатката на Хакими, Фани Колен, побарањето за судење го нарече „нелогично и бесмислено“, најавувајќи дека ќе искористат сите правни механизми за жалба доколку истражниот судија го прифати барањето. Од друга страна, адвокатката на жената, Рејчел-Флор Пардо, изјави дека нејзината клиентка со „огромно олеснување“ ја примила оваа вест. Ашраф Хакими е роден во Мадрид, а својата кариера ја започна во Реал Мадрид. Потоа играше за Борусија Дортмунд и Интер, пред во 2021 година да се пресели во ПСЖ. Тој беше еден од носителите на мароканската репрезентација која во 2022 година стигна до историското полуфинале на Светското првенство во Катар.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.