Баерн го совлада Селтик, потфрлија Милан и Монако (ВИДЕО)

February 12, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Баерн го совлада Селтик, потфрлија Милан и Монако (ВИДЕО)

Играчите на Феенорд приредија изненадување и со минимални 1-0 го совладаа Милан во првиот натпревар од плеј-оф фазата во Лигата на шампионите. Победничкиот гол го постигна Паишао уште во раната фаза од средбата, додека „росонерите“ беа безидејни и не успеаја да одговорат. Милан започна офанзивно и имаше одлична шанса преку Тијани Реијндерс, но домашниот голман успешно интервенираше. Веднаш потоа, Феенорд казни преку брза контра, кога Игор Паишао го совлада голманот Мењон и донесе водство од 1-0 уште во третата минута. Италијанците се обидуваа да ја преземат контролата и да израмнат, но Холанѓаните вешто го „умртвија“ натпреварот и успеаја да го одбранат минималното водство пред реваншот на „Сан Сиро“. Во друг натпревар, Баерн Минхен запиша гостинска победа со 1-2 против Селтик на „Селтик Парк“ во Глазгов. Германскиот гигант се соочи со цврст отпор, кој беше пробиен во последните моменти од првиот дел, кога Мајкл Олисе го отвори резултатот по асистенција од Упамекано. Само што започна второто полувреме, Хари Кејн ја удвои предноста во 49. минута, додека Селтик успеа само да го ублажи поразот преку голот на Маеда во 79. минута. Минимален триумф запиша и Бенфика, која на гостувањето кај Монако славеше со 0-1. По првото полувреме без погодоци, Павлидис беше стрелец на единствениот гол во 48. минута. Домаќините останаа со играч помалку по исклучувањето на Ал Мусрати, што значително ги намали нивните шанси за враќање во натпреварот, па Португалците со предност ќе го чекаат реваншот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.