Баерн одигра срамен меч, но избегна пораз од Леверкузен

February 15, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Баерн одигра срамен меч, но избегна пораз од Леверкузен

Баерн Минхен можеби не одигра најдобар натпревар, но сепак може да биде задоволен со освоениот бод, додека Баер Леверкузен, и покрај доминацијата, остана со горчливо чувство по ремито. Дербито од Бундеслигата заврши без голови (0-0), а Баварците освоија бод што би можел да биде клучен во трката за титулата. Иако осум бодови предност не изгледаат недостижни во конкурентни лиги, историјата покажува дека кога Баерн е лидер, тоа во 99 отсто од случаите значи крај на сите надежи за ривалите. Леверкузен беше подобриот тим на теренот, создаде бројни шанси и целосно го засени Баерн, но остана без награда за својата храбра игра. Домашниот тим двапати ја погоди рамката на голот, а Флоријан Вирц во 90. минута имаше стопроцентна шанса која не успеа да ја искористи. Најголемата болка за навивачите на Леверкузен е што нивниот тим веќе пет натпревари по ред не загубил од Баерн (шест ако се брои и Купот на Германија), но и покрај тоа, веројатно повторно ќе мора да се помират со фактот дека титулата ќе заврши во Минхен. Овој натпревар беше историски слаб за Баерн во офанзивен поглед – за првпат од 1992 година, откако се води напредна статистика, тимот шутираше кон голот на противникот само двапати. Првиот обид на Хари Кејн во 73. минута беше блокиран, а ударот на Леон Горецка во 81. минута заврши крај дирекот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.