Баерн победи, но вечерта му припаѓаше на Томас Милер кој се збогуваше со „Алијанц Арена“ (ВИДЕО)

May 10, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Баерн победи, но вечерта му припаѓаше на Томас Милер кој се збогуваше со „Алијанц Арена“ (ВИДЕО)

Баерн Минхен впиша уште една победа во сезоната, совладувајќи ја Борусија Менхенгладбах со 2-0 во претпоследното коло од Бундеслигата. Но, резултатот беше само формалност бидејќи целата вечер на „Алијанц Арена“ му припаѓаше на Томас Милер. Хари Кејн во 31. минута и Мајк Олисе со гол во самиот финиш ги потврдија трите бода за новиот шампион на Германија. Но, ништо не можеше да го засени големиот момент на збогување, а тоа е последниот домашен натпревар на легендарниот Милер во дресот на Баерн. Со 25 сезони лојалност, 750 настапи, 247 погодоци и 176 асистенции, Милер не е само играч, туку институција. Навивачите му возвратија со транспаренти, овации и аплаузи што одекнуваа како гром. Клубот му подготви специјален плакат, а трибините беа обоени во благодарност. Во 84. минута се случи сцената која никој нема да ја заборави: Милер го напушта теренот, а соиграчите формираат шампионски шпалир, симболично збогување со еден од најголемите кои некогаш облекле црвено-белиот дрес. Милер зад себе остава импресивна ризница од трофеи: 12 пати шампион на Германија, 2 титули во Лигата на шампионите, 6 пехари од ДФБ Покал и уште десетици други признанија. Но највредното нешто што го остави не е во витрините, туку во срцата на фановите.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.