Барселона го дотолчи Реал, четврта победа во низа, Каталонците на чекор до Ла Лига! (ВИДЕО)

May 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Барселона го дотолчи Реал, четврта победа во низа, Каталонците на чекор до Ла Лига! (ВИДЕО)

Барселона дојде до спектакуларна победа од 4-3 против Реал Мадрид, каталонскиот гигант запиша четврта победа сезонава во „Ел Класико“, и направи огромен чекор кон нова титула во Ла Лига. Фудбалска драма, седум гола, спорни одлуки и спектакл на „Монжуик“ ја одбележаа последната овосезонска пресметка меѓу двата најтрофејни клуба од Шпанија. Реал започна како од соништата - Килијан Мбапе со два брзи гола (од пенал во 5. и по соло-продор во 14. минута) ги замолкна трибините и донесе 0-2. Но Барселона не се предаде. Со нестварен интензитет, избраниците на Ханси Флик ја презедоа контролата и со голови на Ерик Гарсија, Ламин Јамал и два на Рафиња целосно го свртеа резултатот за 4-2 до полувреме! Вториот дел почна со нов погодок на Рафиња, но истиот беше поништен поради офсајд. Промените на Карло Анчелоти не донесоа ефект, иако Винисиус Жуниор со асистенција му овозможи на Мбапе да го комплетира хет-трикот и да намали на 4-3 во 70. минута. Контроверзии не изостанаа. Најспорен момент беше играта со рака на Чуамени во шеснаесетникот, но судијата Хернандез по ВАР-преглед одлучи да не досуди пенал, што предизвика бес кај Барселона. До крајот, Виктор Муњоз и Мбапе имаа шанси за израмнување, но не беа прецизни. Сепак, Барса го издржа притисокот и заслужено триумфираше. Со оваа победа, Каталонците сега имаат +7 предност пред Реал, на само три кола до крајот на првенството и титулата веќе е на дофат.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.