Барселона заработила безмалку 14 милиони евра од „Ел Класико“

May 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Барселона заработила безмалку 14 милиони евра од „Ел Класико“

Барселона не само што го пречека својот најголем фудбалски ривал на Олимпискиот стадион Монжуик, туку и приреди спектакл кој им донесе речиси 14 милиони евра приход. „Ел Класико“ против Реал Мадрид, прв и единствен на овој стадион сезонава, не беше само дерби со спортска тежина, туку беше и економски бум за клубот и градот. Каталонските медиуми известуваат дека вкупниот приход од натпреварот достигнал 13,8 милиони евра. Освен приходот од речиси 52.000 продадени билети што воедно беше рекорд на сезоната, бројката вклучува и приходи од продажба на сувенири, храна, пијалаци и активностите поврзани со маркетингот и брендирањето на настанот. Сè што се движеше тој ден, заработуваше за Барса. Натпреварот беше и емоционално обоен, бидејќи веројатно претставува последно „Ел Класико“ на Монжуик, пред тимот повторно да се врати на реновираниот Камп Ноу најдоцна до септември. Монжуик, кој беше привремен домот на Барселона додека трае реконструкцијата на култниот стадион, со ова дерби доби своја историска тежина. Надвор од резултатот на теренот, Барса испрати силна порака, дури и без Камп Ноу, брендот на клубот, љубовта на навивачите и магијата на „Ел Класико“ се доволни за да се наполни секоја трибина и да се создаде фудбалски спектакл што се претвора во економски џекпот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.