Бојан Миовски пред нов трансфер – Жирона го изостави од составот

August 24, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Бојан Миовски пред нов трансфер – Жирона го изостави од составот

Бојан Миовски многу веројатно ќе ја напушти Жирона до крајот на месецов, а неговото име веќе е топ-тема во Шпанија и Велика Британија. Според пишувањата на британските и шпанските медиуми, најконкретен интерес за македонскиот репрезентативец покажува шкотскиот гигант Ренџерс. Трофејниот клуб од Глазгов добро го познава Миовски од неговите денови во Абердин, каде што важеше за еден од најопасните напаѓачи во лигата. Ренџерс е подготвен да го донесе на „Ајброкс“ првично како позајмен играч, а останува да се види дали во евентуалниот договор ќе биде вметната и клаузула за траен трансфер по завршувањето на сезоната. Миовски има валиден четиригодишен договор со Жирона, кој истекува во летото 2028 година, но неговиот статус во каталонскиот клуб не е онаков каков што посакуваше. Најдобриот стрелец на Македонија во квалификациите за ЕП 2024 сезонава има постигнато само 4 гола на 23 натпревари, а поради одлука на тренерот Мичел дури и не се најде во составот за вечерашниот дуел против Виљареал. Освен Ренџерс, интерес за услугите на Миовски покажаа и Валенсија, како и германските клубови Фрајбург и Хамбургер, но засега најблиску е до сензационална преселба во Шкотска.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.