Чави е спремен да превземе клуб од Ла Лига

March 8, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Чави е спремен да превземе клуб од Ла Лига

Чави не ја исклучува можноста повторно да работи во Ла Лига, но нагласува дека клучно за него е да биде дел од проект што ќе му овозможи да освојува трофеи. По разделбата со Барселона минатата година, поранешниот тренер на каталонскиот клуб сè уште е без ангажман, иако неговото име беше поврзувано со неколку екипи, вклучително и Манчестер Јунајтед. Засега, меѓутоа, нема конкретни преговори. Во интервју за „Франс Фудбал“, Чави истакна дека е отворен за предизвици и индиректно даде сигнал дека не исклучува можност да седне на клупата на некој од ривалите на Барселона. „Ништо не е однапред дефинирано, подготвен сум за нови можности. Дали би прифатил друг клуб од Ла Лига? Важно ми е да најдам возбудлив проект со кој ќе можам да освојувам титули“, изјави тој. Осврнувајќи се на своето искуство на клупата на Барса, Чави додаде: „Првата година и половина беше фантастична. Завршивме како вицешампиони, а потоа во 2023 година ја освоивме Ла Лига и Суперкупот. Подоцна, резултатите не беа на нивото што сите го посакувавме. Заминувањето на Жорди Кројф и Матеу Алемани имаше големо влијание врз мене.“ Тој исто така истакна дека клубот минувал низ еден од најтешките периоди во својата историја, а неговата емоционална врзаност со Барселона понекогаш му била товар. „Понекогаш бев премногу сентиментален, но сето тоа беше важно животно искуство од кое многу научив“, заклучи Чави.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.