Де Брујне: Сакав да останам, но Манчестер Сити не ми понуди нов договор

April 20, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Де Брујне: Сакав да останам, но Манчестер Сити не ми понуди нов договор

Кевин Де Брујне потврди дека раководството на клубот одлучило да не му понуди нов договор. По цела деценија блескави настапи на „Етихад“, белгискиот плејмејкер ќе се раздели со англискиот шампион на крајот од сезоната. Иако на почетокот изгледаше како тој самиот да ја донел одлуката за заминување, Де Брујне сега открива дека иницијативата дошла од клубот. Според неговите зборови, тој бил подготвен да продолжи да игра на највисоко ниво и очекувал разговори за продолжување на соработката. Но, директорите Чики Бегиристан и Феран Соријано му соопштиле дека клубот веќе одлучил да не му понуди нова зделка. Наводно, во процесот бил инволвиран и тренерот Пеп Гвардиола, кој, иако не присуствувал на конечната средба, имал удел во одлуката. „Не очекував ваков исход. Цела година немав ниту еден сигнал од клубот, а потоа едноставно ми кажаа дека заминувам. Не беше лесно да го прифатам тоа, но разбирам дека понекогаш клубовите мора да носат тешки одлуки,“ изјави Де Брујне. Тој откри и дека одлуката му била соопштена четири дена пред да излезе во јавноста, во период кога неговото семејство било надвор од земјата, факт што ја направил ситуацијата уште потешка за него. „Штом ја кажав вистината јавно, почувствував големо олеснување. Полесно беше кога веќе не ја носев таа тежина сам,“ додаде тој. И покрај сè, Де Брујне нагласува дека ќе остане професионалец до самиот крај. Намерата му е да продолжи да дава максимум за Сити во преостанатиот дел од сезоната. Интерес за него веќе постои од Саудиска Арабија и од САД, но тој не ја исклучува можноста да остане во Премиер лигата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.