Де Јонг: Освоив малку трофеи во Барса, требаше дупло повеќе

January 2, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Де Јонг: Освоив малку трофеи во Барса, требаше дупло повеќе

Френки де Јонг открива дека уште од детството мечтаел да игра за Барселона, што бил и клучниот фактор да ги избере „каталонците“ пред богатата понуда од ПСЖ. Неговиот договор со Барселона важи до јуни 2026 година, но преговорите за продолжување на соработката засега не носат резултати. Се зборува дека клубот би можел да го продаде по завршувањето на сезоната за да избегне финансиски загуби. „Гласините се за медиумите, мене не ме загрижуваат. Моето внимание е насочено на фудбалот. Кога ќе дојде време, ќе разговараме со клубот, ќе ги сослушам нивните планови и заедно со моето семејство и агентот ќе одлучам што ќе правам. Многумина мислат дека сакам да останам во Барселона само поради животот надвор од теренот. Да, тоа е делумно точно, но за мене најважно е она што се случува на теренот. Ако не можам да допринесувам или да победувам, тогаш нема причина да останам тука“, изјави Де Јонг. Тој призна дека бил во преговори со ПСЖ, но сепак ја одбрал Барселона. „Во одреден момент бев во напредни преговори со ПСЖ, но кога Барселона го покажа својот интерес, не размислував двапати. Барса е клубот од моите соништа, отсекогаш сакав да играм овде. Иако не сè е идеално како што си замислував, сè уште уживам. Една работа ме разочарува, а тоа е бројот на освоени трофеи. По четири години овде, очекував да имам многу повеќе од една титула во лигата, една во Купот и една во Суперкупот. Се надевав на двојно повеќе“, заклучува Холанѓанецот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.