Дејвид Бекам и Гери Невил станаа мнозински сопственици на англиски четвртолигаш

May 8, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Дејвид Бекам и Гери Невил станаа мнозински сопственици на англиски четвртолигаш

Поранешните фудбалери на Манчестер Јунајтед и англиската репрезентација, Дејвид Бекам и Гери Невил, сега се во првите редови на новата сопственичка структура на Салфорд Сити, клуб кој се натпреварува во англиската Лига 2. Двајцата веќе една деценија се поврзани со клубот, откако во 2014 година заедно со Рајан Гигс, Пол Сколс, Фил Невил и Ники Бат го купија Салфорд Сити и започнаа амбициозен проект за подигнување на клубот од аматерско до професионално ниво. Денес, Бекам и Гери Невил остануваат единствените членови од таа оригинална група во новата структура, во која им се приклучија американскиот инвеститор Деклан Кели и поранешниот министер и актуелен претседател на Британската тениска асоцијација, Мервин Дејвис. „Станува збор за уникатно партнерство со разновидна експертиза, но она што не обединува е љубовта кон фудбалот. Целта е во следните четири до пет години да поставиме цврсти темели за одржлива иднина на Салфорд Сити“, изјави Невил. Дејвид Бекам, кој е роден во Салфорд, ја нагласи својата лична поврзаност со клубот. „Салфорд Сити е срцето на локалната заедница. Има богата историја и среќен сум што ќе бидам дел од неговата следна фаза.“ Бекам веќе има искуство во сопственичките структури преку својот ангажман во американскиот Интер Мајами, каде игра и Лионел Меси. Од преземањето во 2014 година, Салфорд Сити доживеа брз напредок, од аматерски статус се искачи во професионалната Лига 2, со четири промоции во рок од пет сезони. Во сезоната 2024/25, Салфорд Сити заврши на осмото место во Лига 2 и за малку остана без пласман во плејофот за влез во Лига 1. Новите сопственици најавуваат дополнителни вложувања во тимот и инфраструктурата, со цел клубот да продолжи да се приближува кон повисоките нивоа на англискиот фудбал.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.