Деко со порака до ѕвездата на Барса: Вратите ќе му бидат отворени ако се премисли

February 13, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Деко со порака до ѕвездата на Барса: Вратите ќе му бидат отворени ако се премисли

Деко, како спортски директор на Барселона, немаше премногу обврски во зимскиот преоден рок, но имаше едно важно прашање за решавање – иднината на Роналд Араухо. Уругвајскиот дефанзивец во еден момент беше блиску до заминување во Јувентус, бидејќи изрази желба да ја напушти Барселона. Меѓутоа, по освојувањето на трофејот во шпанскиот Суперкуп, ситуацијата драстично се промени, а Араухо на крајот стави потпис на нов договор со каталонскиот клуб. Сепак, неколку недели по продолжувањето на соработката, се појавија информации дека во договорот има одредени клаузули што би можеле да му овозможат полесен трансфер во иднина. Деко сега потврди дека, доколку Араухо повторно размислува за заминување, клубот нема да му стои на патот. „Не можете да задржите фудбалер кој не е среќен, тоа би можело да стане проблем и за остатокот од тимот. Разговаравме со Араухо на таа тема и на крајот тој одлучи да остане, бидејќи се чувствува добро во Барса. Ако некогаш во иднина го промени мислењето, вратите ќе му бидат отворени, но не мислам дека тоа ќе биде случај. Доколку сè уште размислуваше за заминување, немаше да стави потпис на нов договор“, изјави Деко за „TV3“.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.