Диего Симеоне заработува повеќе од Карло Анчелоти и Ханси Флик заедно

March 27, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Диего Симеоне заработува повеќе од Карло Анчелоти и Ханси Флик заедно

Диего Симеоне не е само стратегот кој ја обликува играта на Атлетико Мадрид – тој е и неприкосновен лидер на финансискиот врв во Ла Лига. Според податоците на францускиот „Л’Екип“, аргентинскиот тренер заработува импозантни 2,17 милиони евра месечно, што го става во позиција да инкасира повеќе од Карло Анчелоти и Ханси Флик заедно. За споредба, Карло Анчелоти, кормиларот на Реал Мадрид, има бруто-плата од 910.000 евра месечно, додека Ханси Флик, кој го презеде кормилото на Барселона, заработува 830.000 евра. Она што е уште поинтересно е дека во Атлетико Мадрид нема ниту еден играч кој финансиски го надминува својот тренер. Најдобро платениот фудбалер на „рохибланкос“, голманот Јан Облак, добива 1,57 милиони евра месечно, што е значително помалку од неговиот шеф на клупата. Во целата шпанска лига, најплатен фудбалер е новото лице на Реал Мадрид, Килијан Мбапе, кој секој месец ја збогатува својата сметка со неверојатни 2,67 милиони евра. Симеоне одамна го изгради својот култен статус во Атлетико, а неговата финансиска доминација само ја потврдува вредноста што ја има за клубот. „Чоло“ можеби не е најскапото име во светскиот фудбал, но во Ла Лига – тој е вистинскиот цар на тренерската плата.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.