Докторот на Милан откри: Му го спасивме животот на Касано на паркинг!

September 12, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Докторот на Милан откри: Му го спасивме животот на Касано на паркинг!

Поранешниот клубски доктор на Милан, Родолфо Тавана, се присети на една од најдраматичните ситуации во својата богата кариера – моментот кога му го спасил животот на Антонио Касано. Италијанскиот напаѓач во 2011 година имаше сериозни здравствени проблеми, по што беше подложен на успешна операција на срце. Тавана, кој со „росонерите“ работеше во два мандати (1987–2003 и 2011–2017), открива како сè започнало по гостувањето против Рома. „Кога слетавме на Малпенса, ми пријде Тијаго Силва и ми рече: ‘Докторе, со Касано нешто не е во ред, многу е збунет’. Заедно со мојот колега Мацони го пресретнавме на паркингот“, се сеќава Тавана. По неколку брзи невролошки тестови, двајцата сфатиле дека ситуацијата е сериозна и мора веднаш да реагираат. „Му реков на Касано: ‘Седни во кола, но нема да одиш дома. Одма одиме во болница’. Не знаевме дали станува збор за исхемија или нешто друго, но мораше да се делува“. Целата вечер доктор Мацони останал покрај Касано во болницата. Резултатите потврдиле дека проблемот бил поврзан со срцето и наскоро била извршена операција, по која напаѓачот целосно се врати на теренот. Тавана се присети и на сличен случај со поранешниот напаѓач на Милан, Егидио Калони. „И тој имаше срцеви проблеми, но два пати го послужи среќата. Еднаш дури се онесвести додека возеше, излета од патот и сепак преживеа“.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.