Драма во Интер: Инзаги заминува веднаш по финалето во Лигата на шампионите?!

May 20, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Драма во Интер: Инзаги заминува веднаш по финалето во Лигата на шампионите?!

Бомбастична понуда од Саудиска Арабија го става Симоне Инзаги пред најважната одлука во кариерата. Тренерот на Интер, кој ја води една од најдобрите сезони на клубот во последната деценија, добил понуда што ретко кој би ја одбил — годишна плата од 20 милиони евра од саудискиот гигант Ал Хилал, објави „Газета дело Спорт“. Според информациите, претседателот на Ал Хилал, Фахад бин Нафел, неодамна допатувал во Милано за директна средба со претставници на Инзаги. Изворите велат дека преговорите се во напредна фаза и дека двете страни се задоволни од досегашниот тек на разговорите. Во игра е сценарио што многу потсетува на 2010 година, кога Жозе Мурињо, по освојувањето на Лигата на шампионите со „нераѕурите“, замина во Реал Мадрид. Инзаги би можел да ја напушти клупата на Интер веднаш по финалето во Лигата на шампионите, закажано за 31 мај против ПСЖ на „Алијанц арената“. Но, пред Италијанецот се уште две клучни пречки. Интер заостанува само еден бод зад Наполи во Серија А, а од титулата во Лигата на шампионите го дели финалето против мотивираниот ПСЖ. Судбината на Инзаги, во многу аспекти, ќе се решава токму во тие 180 минути. Доколку Инзаги ја прифати понудата од Блискиот Исток, Интер ќе мора итно да реагира и да започне потрага по нов тренер. Фото: FC Inter

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.