Фабрегас откри кој е најголемиот проблем со италијанскиот фудбал

August 26, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Фабрегас откри кој е најголемиот проблем со италијанскиот фудбал

Тренерот на Комо, Сеск Фабрегас изјави дека е тешко да се пронајдат италијански фудбалски таленти кои можат да играат на највисоко ниво. Иако важи за еден од најперспективните млади тренери во Европа, тој призна дека често мора да се потпира на шпанскиот пазар. „Тешко е да се најдат италијански таленти. Јас лично скаутирав и анализирав младинци кои би можеле да се развијат до нашето ниво, но беше неверојатно тешко. Знам дека потпишавме многу Шпанци, но тоа е реалноста“, изјави Фабрегас. Тој објасни дека најдобрите млади Италијанци завршуваат во клубови како Интер и Јувентус, што ги прави недостижни за екипи како Комо. „Вистина е дека најдобрите италијански играчи одат во големите клубови, ниво кое е над нас. Но ние сакаме Италијанци, само е тешко да најдеме соодветни за првиот тим“. Фабрегас додаде дека клубот се обидува преку младинските категории да создаде нова генерација која ќе ја носи филозофијата на Комо. „Сакаме да ги учиме на наш начин уште од 15 години, за да бидат подготвени. Ако можам да бирам меѓу шпански и италијански играч на исто ниво, секогаш ќе изберам Италијанец“. Тој призна дека не сака да дава конечни оценки за проблемот со недостиг на таленти во Италија, но нагласи дека Комо ќе продолжи да работи на тоа младите Италијанци да добијат простор и вистинска шанса.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.