Фердинанд знае кои четворица играчи не се вклопуваат во системот на Аморим

February 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Фердинанд знае кои четворица играчи не се вклопуваат во системот на Аморим

Манчестер Јунајтед успеа да слави со 3:2 против Ипсвич, иако играше со фудбалер помалку, но овој триумф не ги прикрива проблемите со кои се соочува Рубен Аморим како менаџер на тимот од „Олд Трафорд“. Самиот Португалец е свесен за ситуацијата, исто како и секој што ги следи настапите на овој англиски гигант. Аморим дури и јавно истакна дека со нетрпение го очекува крајот на сезоната, што јасно укажува на тоа дека во претстојниот летен преоден рок ќе има големи промени. Според Рио Фердинанд, Јунајтед не го направи очекуваниот чекор напред. Тој смета дека тимот не успеал да ја преслика динамиката и стилот на игра што Аморим го практикуваше во Спортинг, па токму затоа ќе бидат неопходни значителни промени во составот. „Реално гледано, сите чекаме сезоната да заврши за да може тимот да се реструктурира и да се гради од почеток. Спортинг играше динамично, со многу подвижни фудбалери, а Јунајтед сè уште не личи на таков тим“, вели Фердинанд. Тој веќе селектираше четири фудбалери кои, според него, не се вклопуваат во системот на Аморим. Станува збор за Зиркзе, Де Лихт, Мегваер и Хојлунд, за кои клубот потроши над 230 милиони фунти. „Овие играчи не одговараат тактички, но ни физички на барањата на менаџерот. Очекувам Аморим да бара фудбалери кои подобро ќе се адаптираат на неговите идеи“, заклучи Фердинанд. Големи се шансите споменатите имиња да го напуштат клубот веќе во летниот преоден рок, со што Аморим ќе добие прилика да изгради состав по свој вкус.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.