Галатасарај ја прифати анти-Јувентус клаузулата: Осимен никогаш да не биде продаден на ривалот

July 16, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Галатасарај ја прифати анти-Јувентус клаузулата: Осимен никогаш да не биде продаден на ривалот

Долготрајните преговори меѓу Галатасарај и Наполи за трансферот на Виктор Осимен се наоѓаат во завршна фаза, откако турскиот клуб прифатил клаузула со која се забранува продажба на играчот во Серија А, поточно – во Јувентус. Според италијанските и турските медиуми, оваа точка била услов без кој Наполи не би се откажал од својот напаѓач, имајќи предвид дека Јувентус со години се обидува да го донесе Нигериецот во Торино. Наполи инсистирал Галатасарај да не го препродава Осимен на ривалите во Калчото во наредните три сезони, што бил прифатен услов од истанбулскиот гигант. Сега останува само да се „испеглаат“ финансиските детали. Двете страни водат преговори дали првичната исплата ќе изнесува 40 или 50 милиони евра, додека остатокот, 25 до 35 милиони евра, ќе биде распределен како рати и бонуси. Исто така, Галатасарај треба да достави нова банкарска гаранција за целосно да се обезбеди исплатата. Со постигнатиот компромис за најчувствителното прашање во преговорите, се очекува трансферот наскоро да биде официјализиран, а Осимен да стане едно од најголемите засилувања во историјата на турскиот шампион.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.