Освен добрата заработка како домаќини на ЕП, Германија оставила добар впечаток кај туристите!

August 26, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Освен добрата заработка како домаќини на ЕП, Германија оставила добар впечаток кај туристите!

Германија летово беше домаќин на Европското првенство каде имаше неколку тензии помеѓу навивачи на различни држави, но генерално турнирот низ цела Германија помина добро и организацијата беше на ниво. Она што овој турнир го донесе за оваа држава се позитивното економско и социјално влијание, покажала студијата направена од „Nielsen Sports“. Имено, вкупниот приход за земјата од десетте градови домаќини изнесувал 7.4 милијарди евра. Над 90% од овие трошоци биле направени од над 2.7 милиони посетители од кои 44% странски државјани, како и организаторите и акредитираните лица. Тука спаѓаат трошоците за сместување, патувања до градовите, храна и пијалци во и надвор од стадионите. Интересно е што дури две третини од сопствениците на билети користеле јавен превоз во градовите домаќини. Ова го потврди и претседателот на Германската фудбалска федерација, Бернд Нојендорф. „Студијата покажува импресивни докази дека Европското првенство имаше широк спектар на позитивни ефекти на сите локации во државата. Не само што ни обезбеди одлични натпревари и фантастична атмосфера на стадионите, тоа беше и голем економски и социјален успех. Германија се покажа како фудбалска земја, пријателски домаќин и сигурен партнер за организација на големи спортски настани“, изјави тој. И после Европското првенство, Германија ќе ги чувствува позитивните ефекти бидејќи 97% од носителите на билети изјавиле дека сакаат повторно да ја посетат Германија, а дури 79% би го препорачале градот кој бил домаќин на нивниот натпревар. Уште еден интересен податок кој произлезе од оваа студија е што Европското првенство имало влијаение дури и врз физичката активност на граѓаните на Германија каде една четвртина од жителите рекле дека биле мотивирани да спортуваат повеќе откако завршил турнирот.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.