Гундоган ептен се разочарал од две ѕвезди во Барселона

September 11, 2024 | Kristijan Trajchov | Свет

Гундоган ептен се разочарал од две ѕвезди во Барселона

Илкај Гундоган летово како слободен агент се врати на „Етихад“ откако помина само една сезона во Барселона. Во пресрет на сезоната 2023-2024, германскиот играч за врска потпиша двегодишен договор со Барселона со опција за продолжување на престојот за уште една година, но каталонскиот гигант го пушти бесплатно да си замине по само една сезона, а од друга страна Гундоган се откажа од платата која Барселона ќе требаше да му ја исплати за двете преостанати години од договорот. Според новинарот Жоан Фонтес, ветеранот од средниот ред наводно имал проблеми со однесувањето на двајца негови соиграчи од Барса пред да го напушти клубот. На Гундоган не му се допаднало однесувањето на сонародникот и капитен на Барселона, Марк-Андре тер Штеген, бидејќи сметал дека голманот требало да биде погласен во соблекувалната како еден од најискусните во клубот. Вториот играч од кој Гундоган бил разочаран е неговиот поранешен колега од Борусија Дортмунд, Роберт Левандовски. Односот на напаѓачот кон младите играчи и неговиот фокус на себе наместо да им помага на младите во тимот се работи кои му пречеле на 33-годишниот играч од средниот ред. За време на неговиот краток престој во Барселона, Гундоган во неколку наврати го изрази своето разочарување од своите колеги, а еден од тие моменти е кога јавно го критикуваше настапот на тимот по нивниот пораз од Пари Сен Жермен во Лигата на шампионите каде особено го истакна стартот на Араухо кој направи црвен картон.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.