February 12, 2025 | | Свет
Пеп Гвардиола повторно беше сведок на горчлив пораз во завршницата на натпревар, откако неговиот Манчестер Сити не успеа да ја задржи предноста против Реал Мадрид. Овојпат, ситуацијата беше уште поболна, бидејќи натпреварот беше дел од елиминациската фаза во Лигата на шампионите. На „Итихад“, Сити двапати имаше водство, но Реал Мадрид, како многупати досега во ова натпреварување, покажа карактер и во последните минути постигна два гола, освојувајќи важна победа од 2:3. Овој триумф им носи голема предност пред реваншот кој ќе се игра на „Сантијаго Бернабеу“. За разлика од претходните натпревари, каде Реал беше поповлечен и чекаше шанси од контранапади, овојпат тимот на Карло Анчелоти делуваше многу подиректно и поопасно. Тоа го призна и Гвардиола, кој смета дека ова било најдоброто издание на Реал Мадрид против неговиот тим во последните шест години. „Не сакам често да давам вакви изјави, затоа што можат да се протолкуваат погрешно, но ова беше најдобриот Реал против кој сме играле во последните години“, истакна Гвардиола. Тој призна дека очекувал тешка задача, бидејќи противникот е исклучително опасен во транзиција. „Тие секогаш се силни на контранапади, особено со четворицата офанзивци кои можат да му направат проблеми на секој тим. Знаевме дека нема да биде лесно, но сепак, на крајот загубивме поради две грешки што им ги подаривме“, додаде тој. Шпанскиот стратег исто така изрази загриженост што вакви ситуации му се повторуваат на Сити во текот на сезоната. „Пречесто ни се случува истото. Двапати имавме предност, но направивме две клучни грешки и тоа не чинеше победа. Ова беше натпревар во кој Реал одигра најдобро против нас и, иако до самиот финиш имавме добар резултат, на крајот им дозволивме да нè победат“, заклучи Гвардиола.
Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.
September 13, 2024 |
September 7, 2024 |
September 16, 2024 |