Интер со ротации го потопи Торино, Залевски и Аслани ја продолжија битката за Скудетото (ВИДЕО)

May 11, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Интер со ротации го потопи Торино, Залевски и Аслани ја продолжија битката за Скудетото (ВИДЕО)

Дури и со силно изменет состав, Интер ја оправда улогата на фаворит и славеше на гостувањето кај Торино со 0-2, во натпреварот од 36. коло во Серија А. Со оваа победа, „нероаѕурите“ го фатија чекорот со Наполи на врвот на табелата, барем привремено. Тренерот Симоне Инзаги направи дури девет измени во почетниот состав во однос на тимот што играше против Барселона, но тоа не се одрази негативно врз тимската хемија. Натпреварот се играше во тешки временски услови, поради обилниот дожд, но гостите подобро се снајдоа и во 14. минута поведоа преку Никола Залевски, кој со маестрален удар донесе водство за Интер. До крајот на првиот дел, Интер создаде неколку шанси за удвојување на резултатот, но вистинската потврда на победата дојде рано во второто полувреме. Мехди Тареми изнуди пенал, откако беше соборен од голманот Вања Милинковиќ-Савиќ, а Кристијан Аслани сигурно реализираше за 0-2 во 50. минута. Домаќинот се обидуваше да се врати во игра, но без успех. Ељиф Елмас го одигра целиот натпревар и имаше една солидна можност за погодок, но среќата не беше на негова страна. Со влегувањето на стандардните првотимци како Дамфрис, Димарко и Барела, Инзаги го „затвори“ натпреварот и не дозволи изненадување. Со оваа победа, Интер има 77 бода, исто колку и Наполи, кој има натпревар помалку. Во последните две кола, ќе следи вистинска драма за титулата во Серија А.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.