Историја во Премиер лигата: Салах трипати Фудбалер на годината

August 20, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Историја во Премиер лигата: Салах трипати Фудбалер на годината

Мохамед Салах повторно влезе во историјата на англискиот фудбал. Египетската ѕвезда е прогласена за Фудбалер на годината од страна на Асоцијацијата на професионални играчи во Англија (PFA), награда која се смета за најпрестижна на индивидуално ниво бидејќи неа ја доделуваат самите фудбалери. Со ова признание Салах стана првиот играч во историјата на Премиер лигата кој три пати го освојува ова признание, откако претходно триумфираше во 2018 и во 2022 година. Овој пат, во силна конкуренција на Алексис Мекалистер, Александер Исак, Деклан Рајс, Кол Палмер и Бруно Фернандеш, египетскиот ас повторно доби најмногу гласови. Ова е и десетти пат наградата да завршува кај фудбалер на Ливерпул, што уште еднаш го потврдува влијанието и силата на клубот во англискиот фудбал. Минатата сезона Салах одигра блескаво и беше еден од клучните играчи за шампионската титула на „црвените“. Во Премиер лигата постигна 29 голови и подели 18 асистенции, со што повторно се потврди како еден од најдоминантните напаѓачи на светската сцена. Со ова достигнување, Мохамед Салах уште еднаш ја зацврсти својата позиција како еден од најдобрите фудбалери во историјата на Ливерпул, но и на Премиер лигата во целина.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.