Историја: За првпат покажан зелениот картон

September 29, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Историја: За првпат покажан зелениот картон

Светското првенство за фудбалери до 20 години кое викендов започна во Чиле донесе и дебитантска новина во фудбалот – зелен картон, кој им дава можност на тренерите да побараат преглед на спорна одлука на судијата. Новото правило веќе беше искористено на дуелот меѓу Шпанија и Мароко. Во 78. минута, судијата досуди пенал за Шпанците, но селекторот на Мароко го крена зелениот картон. Тоа значеше дека главниот арбитар мора да ја прегледа снимката. По проверката, пеналот беше поништен, а шпанскиот играч доби жолт картон за симулирање – прва потврдена успешна примена на новото правило. Зелениот картон функционира слично како „челинџот“ во тенис: секој тренер има право на една интервенција по полувреме, и тоа исклучиво во клучни ситуации – досуден или недосуден пенал, директен црвен картон, признат гол или идентификација на фудбалер. ФИФА најави дека по завршувањето на шампионатот ќе се направи детална анализа за ефектите од оваа промена, по што ќе се одлучи дали правилото ќе биде воведено и во другите натпреварувања.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.