Историско финале: Бетис сонува, Челси брка комплетна европска колекција

May 28, 2025 | Kristijan Trajchov | Свет

Историско финале: Бетис сонува, Челси брка комплетна европска колекција

Финалето во Конференциската лига носи необично интригантен судир – Бетис против Челси. За шпанскиот клуб ова е прво европско финале во историјата, а тренерот Мануел Пелегрини се надева дека токму оваа генерација ќе го испише најголемиот успех на клубот. Иако имаа силна пролетна полусезона, во која посебно се истакна Ентони, засилувањето од Манчестер Јунајтед, Бетис не влегува во финалето во најдобра форма – на последните пет натпревари немаат ниту една победа. Дополнителна грижа за тимот се повредите: под знак прашалник се Џони Кардосо, Џовани Ло Селсо, Фран Виејтес и Јусуф Сабали. Можно е на голот да застане ветеранот Адриан, поранешен херој на Ливерпул. На спротивната страна, Челси доаѓа со амбиција да заокружи една епска европска приказна – доколку „сините“ победат, ќе станат првиот клуб во историјата кој ги има освоено сите пет главни трофеи на УЕФА. Екипата на Енцо Мареска доминираше во Конференциската лига од самиот старт – шест победи во групната фаза, па елиминации на Копенхаген, Легија и Ѓургарден. Тимот постави рекорд со 38 постигнати голови на турнирот, но главна грижа останува формата на Кол Палмер, кој има само еден погодок од јануари наваму. Интересен детал што го зачинува финалето е личната историја меѓу двајцата тренери. Имено, Мареска во минатото беше играч и асистент на Пелегрини во Малага и Вест Хем, што нивниот дуел го прави особено симболичен.

Не е дозволено копирање и користење на содржините без да бидат исполнети
Условите за користење на содржините.